Дака, 24 ноември 2026 (МИА) - Поранешната премиерка на Бангладеш Шеик Хасина ќе се соочи со апсење доколку се врати во земјата од егзилот во Индија, предупреди денеска висока владина функционерка.
- Хасина ќе биде уапсена каде и да стапне на бангладешка територија, вклучително и во која било од нашите дипломатски мисии во странство - изјави државната министерка за надворешни работи Шама Обаед Ислам на новинарско прашање за наводниот план на Хасина да се врати во земјата на 16 декември.
Таа ќе биде испратена директно в затвор доколку се врати, додаде државната министерка.
Хасина живее во Индија откога беше соборена од власт во масовното востание предводено од студенти во август 2024 година.
Таа беше пренесена во Њу Делхи со авион на бангладешките воздухопловни сили, неколку часа пред десетици илјади демонстранти да упаднат во нејзината официјална резиденција и во соседната зграда на парламентот во Дака.
Судот во Дака во ноември минатата година ја осуди на смрт во отсуство за злосторства извршени за време на насилното задушување на востанието. Активностите на нејзината партија Авами лига се исто така забранети од мај 2025 година.
Во неодамнешните онлајн обраќања до партиските активисти, Хасина ја изрази својата решеност да се врати дома по „секоја цена“. Нејзините адвокати исто така испратија писмо до Високиот комесаријат на Бангладеш во Њу Делхи со барање за нејзиниот пасош и националната лична карта.
Меѓутоа, бангладешките власти го одбија нејзиното барање за нови патни и документи за идентификација, барајќи наместо тоа Индија да ја екстрадира како осуден затвореник, според билатералниот договор за екстрадиција, потпишан во 2013 година.
Властите во Бангладеш ја зајакнаа безбедноста низ целата земја по насилствата во неколку области, особено во Гопалганџ, родниот крај на Хасина.
Владата ја обвини партијата Авами лига на Хасина за организирање насилство насочено кон дестабилизација на земјата во врска со нејзините најавени планови за враќање. јт/
Mia.mk користи колачиња Ние користиме колачиња за да го подобриме вашето искуство со прелистување, да опслужуваме персонализирани реклами или содржини и да го анализираме нашиот сообраќај. Со кликнување на „Прифати“, се согласувате со нашата употреба на колачиња.
Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Медиумска информативна агенција. Секој упад и злоупотреба на интернет-страницата на МИА е казнив по членовите 251 и 251a од КЗ на Република Северна Македонија. Правен консултант и застапник: адвокат Милена Велјаноска - Стоиловска .
